
Комисијата за економски прашања и труд даде нов предлог закон за работно ангажирање на лица по редовна постапка. Имено, со новиот предлог сите лица кои се или не се во работен однос, самовработени лица, лица помлади од 18 години кои согласно општите прописи од работните односи ги исполнуваат условите за засновање на работен однос, студенти, корисник на семејна пензија по основ на неспособност за работа и самостоен живот, како и странец кој има регулиран престој, да можат да работат сезонски работи како земјоделство угостителство и туризам, без притоа да ги изгубат приходите кои ги добиваат од државата, како, пензија, стипендија, како и помош од државата.
Работниците ќе можат да работат сезонски работи кај еден работодавец до 60 дена или кај повеќе газди во текот на целата година но, да не бидат повеќе од 120 дена.
Со овој закон сите работници на диво ќе бидат затекнати, а газдите за нив ќе плаќаат минимални придонеси.
„Работно ангажираните лица, нема да ги губат стекнатите права по однос на посебните закони, значи, студените нема да ја губат својата стипендија , невработените нема да ја губат помошта во однос на невработеност и што е многу важно нема да бидат избришани од регистарот на невработени лица, корисниците на старосна пензија нема да ја изгубат својата пензија. Тоа беа причините што најчесто до сега беа како мотиви, работниците ангажирани условно кажано на црно, да не сакаат да бидат пријавени иако работодавачите сакаат да ги ангажираат“, рече Тони Јаревски – ВМРО ДПМНЕ.
Од Сојузот на стопански комори, велат дека потребно е уште еднаш да се прегледаат сите одредби за овој закон и бараат серија измени.
„Второ се поставува прашањето зошто да се плаќа пензиско и инвалидско осигурување, односно придонесот за пензиско осигурување кај веќе лицата кои што имаат пензионерски статус, односно лицата пензионери, значи тие веќе го исплатиле својот придонес. Еве рековме кај пензионерите, кај оние лица кои што се социјално осигурување или кај студените кај кои што сепак ќе се плаќа истиот придонес за пензиско осигурување, ако се подели, односно собере целокупниот придонес во овие два месеци или повеќе во текот на една година, тешко дека ќе има некое значително влијание за остварување на некое пензиско осигурување“, вели Ромео Костадиновски – Сојуз на стопански комори.
Од СДСМ велат дека овој закон заедно го поднеле со владејачката ВМРО ДПМНЕ, тие додаваат дека со овој закон ќе се намали иселувањето, ќе биде зголеми домашната економија, како и ќе има подобрување на недостатокот на работната сила.
„Мислам дека ова законско решение е тоа што ни е потребно во овој момент, поради тоа што од една страна. Се соочуваме со недостиг на работна сила, особено во секторите кои што се регулирани со овој закон, тоа е земојделие, угостителство и туризам и кога работодавецот се појавува во одредено домаќинство, односно во домашните работи кога повикуваме луѓе од надвор да ни помогнат во делот од извршувањето на домашните работи“, рече Јованка Тренчевска – СДСМ.
Како што велат од ВМРО ДПМНЕ, овој закон нема да може да биде изигран од страна на трговците, на тој начин што ако некој вработен бил на одредено работно место и добил отказ од работодавецот со цел да го прими со новите измени во текот на сезоната, нема да може, бидејќи истиот бил вработен кај него изминатата година.
Имплементацијата на овој закон е шест месеци, што значи дека летната сезона веќе е пропуштена, но се очекува да биде тука овој закон во текот на зимската сезона.
Ангел Димовски