Бил Гејтс: Вештачката интелигенција ќе ги замени лекарите и наставниците во рок од 10 години
Бил Гејтс: Вештачката интелигенција ќе ги замени лекарите и наставниците во рок од 10 години

За време на интервјуто со комичарот Џими Фалон во емисијата „The Tonight Show“ на Ен-би-си во март, Бил Гејтс рече дека напредокот во вештачката интелигенција драстично ќе ја намали улогата на луѓето во многу традиционални работни места како што се медицината и образованието. Тој изјави дека голема промена може да се случи за помалку од десет години.
Ко-основачот на Мајкрософт ја опиша иднината во која луѓето повеќе нема да бидат потребни „за повеќето работи“, бидејќи технологијата за вештачка интелигенција рутински ќе извршува задачи кои денес бараат специјализирани човечки вештини.
„Денес, експертизата во области како медицината и образованието останува ретка“, рече Гејтс, додавајќи дека тие области сè уште се потпираат на „одличен лекар“ или „одличен учител“. Но, според него, во следната деценија „одличните медицински совети и одличната настава“ ќе станат бесплатни и широко достапни.
Патем, поранешниот американски претседател Барак Обама еднаш предупреди дека вештачката интелигенција ќе предизвика масовна невработеност каква што не сме виделе во последните 100 години.
Гејтс дополнително ја разјасни својата визија за нова ера што ја нарекува „слободна интелигенција“ во разговор минатиот месец со Артур Брукс, професор на Харвард познат по своето истражување за среќата.
Според предвидувањата на Гејтс, технологијата за вештачка интелигенција сè повеќе ќе се пробива во секојдневниот живот, револуционизирајќи ги областите како што се здравството, дијагностиката и образованието – а менторите и туторите за вештачка интелигенција ќе станат широко достапни./makfax