Таравари: За излегување на АА од Владата одлучува премиерот, да бидеме рационални и да не брзаме

Премиерот формира Влада и тој одлучува дали Алијанса за Албанците треба да биде во Владата. Мислам дека треба, но ако тој смета дека не треба, ние немаме никаков проблем. Сепак, да бидеме рационални и да не брзаме, изјави Арбен Таравари прашан дали неговата партија ќе ја напушти Владата со евентуално излегување од коалицијата Вреди (Влен).
Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Куманово денеска, министерот за здравство и лидер на крило на АА рече дека „не мора да значи“ напуштање на Владата ако неговата партија излезе од Вреди затоа што, рече, „владата ја прави премиерот“.
-Сум разговарал со премиерот и повторно ќе разговараме. Доколку тој смета дека Алијанса за Албанците не треба, ние немаме никаков проблем. Меѓутоа мислам дека АА во моментот треба. Но, ако донесат таква одлука, немаме никаков проблем. Не може никој друг да каже освен тој што формира Влада. Ќе видиме во следните денови, да не брзаме, треба да бидеме што порационални во овој период, изјави Таравари.