
Украина можеби ќе мора да се откаже од делови од својата територија како услов за евентуален мировен договор со Русија, вели градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, во разговор за Би-би-си.
Според него, станува збор за едно од можните сценарија за кое притиска американскиот претседател Доналд Трамп во неговиот предлог за постигнување мировно решение, а што вклучува територијални отстапки од Украина.
„Едно од сценаријата е… да се откажеме од територија. Тоа не е фер. Но, за мир, привремен мир, можеби тоа може да биде решение, привремено“, вели тој.
Но, како што нагласува поранешниот светски шампион во бокс, а сега политичар, украинскиот народ никогаш нема да прифати окупација од Русија.
Тој за британскиот национален сервис говореше неколку часа по вчерашниот руски напад со ракети и беспилотни летала врз Киев, во кој загинаа 12 луѓе, а повеќе од 80 се повредени.
Станува збор за еден од најсмртоносните руски напади врз украинската престолнина во последните неколку месеци.