Зијадин Села, вели дека не се сретнал и нема планирано средба со премиерот, Христијан Мицкоски
Зијадин Села, вели дека не се сретнал и нема планирано средба со премиерот, Христијан Мицкоски

Во контекст на дилемите кој ќе ја напушти, а кој ќе се приклучи на Владата, лидерот на Алијансата за Албанците, Зиадин Села, изјави дека нема реализирано, ниту планирано средба со премиерот Христијан Мицкоски. Во случај да дојде до таква средба, Села вели дека ќе ги отвори прашањата од интерес за Албанците, првенствено гласањето на уставните измени, прашањето за употребата на албанскиот јазик, како и носењето одлуки во Уставниот суд со Бадентер. За овие прашања, лидерот на Алијансата ги повика сите политички чинители Албанци во државата да се обединат.
„Само да бидете сигурни, доколку се реализира таква средба, Зиадин Села и Алијансата за Албанците се заинтересирани да дискутираат за реални теми. Што побрзо деблокирање и уставни измени во насока на деблокирање на членството на земјата во Европската Унија, а во рамки на тие уставни измени, нормално, многу важно прашање е употребата на јазикот“, рече Зиадин Села, претседател на Алијансата за Албанците.
На прашањето дали неговата партија ќе се приклучи на Владата по евентуалното заминување на Арбен Таравари од извршната власт, Села одговори:
„Алијансата за Албанците не се грижи за учество во власт. Секогаш сме ја имале таа можност, да бидеме дел од Владата, напротив, ние сме се повлекувале“, додаде Зиадин Села, претседател на Алијансата за Албанците.
Што се однесува до Европскиот фронт, на кој во моментот му припаѓа Села, тој вели дека засега не се разговарало за евентуалното примање на Таравари во коалицијата. Но ако ова прашање се отвори, Села ќе го каже својот став. Сепак, тој изрази недоверба кон постапките на Таравари.
09:06 – „Јас повеќе не му верувам на политичките потези на таков човек, затоа што оваа ситуација многу потсетува на тактизирањата што ги правеше пред една година, кога во последен момент напиша еден статус на Фејсбук и си замина. Тажно е за тој политичар кој сè уште му верува, а уште потажно е за тој граѓанин кој сè уште му верува. Кога така постапи со мене, иако двапати го направив градоначалник, па потоа и министер…“
Овие ставови Села ги искажа на средбата со новинарите по повод осмата годишнина од 27 април, настанот со насилство во Собранието, при што тој беше сериозно повреден./Алсат.мк