Организацијата на потрошувачи предлага попрегледно прикажување на онлајн цените на маркетите

Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) досега нема добиено конкретни поплаки од граѓаните во врска со онлајн цените објавени од маркетите, но оттаму сметаат дека постои потреба од подобрување на нивната прегледност и препознатливост на производите.
Претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова, истакна дека граѓаните се бунат при пребарувањето низ повеќе онлајн списоци од различни маркети за да ги најдат потребните производи.
Лончар-Велкова вели дека е потребно развој на компаративна алатка, која со помош на вештачката интелигенција би можела побрзо да се развие, и која ќе овозможи унифициран и прегледен приказ на цените по групи и видови производи. Таа изрази жалење што многу добри идеи во земјава не се доразвиваат.
Во меѓувреме, утре истекува мерката за ограничување на маржите на основните прехранбени производи. Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, изјави дека досегашните резултати се добри, а конечна одлука за евентуално продолжување на мерката ќе биде донесена доколку има потреба. Ристески се надева дека учесниците во трговскиот синџир ја научиле лекцијата и ќе го стават во преден план животниот стандард на граѓаните.
Тој исто така информираше дека е при крај изработката на просечната потрошувачка кошничка од страна на Министерството за економија и труд, која по повеќе од 12-13 години ќе биде изготвена од официјална институција – Министерството за економија и труд.