Уставниот суд ја укина одлуката Медресата “Иса Бег“ да добие статус на приватно училиште

Уставниот суд, со мнозинство гласови, одлучи да ја укине одлуката на претходната Влада предводена од техничкиот премиер Талат Џафери, со која Mедресата Иса Бег доби статус на приватно средно училиште – гимназија. Владината одлука беше донесена за да се надмине долгогодишниот проблем со учениците од медресата кои не можеа да го продолжат своето високо образование на државните универзитети, бидејќи статусот на медресата беше религиозно училиште. Но, според уставот, одлуката е неуставна и нелегална, а принципот на секуларност на државата е прекршен.
„Ниту Уставот ниту кој било закон во државата не предвидува постапка за основање приватно средно училиште со граѓанско образование од страна на која било верска заедница или религиозна група. Оттука, Уставниот суд пресуди дека Владата во март 2024 година донела незаконска и неуставна одлука и истата ја укинала“, рече Ана Павловска Данева, судија референт.
Покрај прекршувањето на забраната за основање приватни училишта од страна на верските заедници, како што е предвидено во Амандманот 7 од Уставот, Уставниот суд оценува дека владата предводена од Џафери го прекршила и членот 7 од Законот за средно образование, кој забранува верско организирање и дејствување, како и истакнување на верски симболи во училишта. Владината одлука, во тоа време со помпезност, беше објавена и промовирана од владејачката партија ДУИ. Техничкиот премиер Џафери го покани претседателот на ИВЗ, Шаќир Фетаи, во својот кабинет лично да ја достави одлуката.
„Оваа одлука претставува решение за долгогодишниот проблем со кој се соочуваат учениците од медресата Иса Беу во Скопјe, кои по завршувањето на средното образование во исламската гимназија, не можеа да се запишат на универзитетски студии на факултетите во земјата, што претставуваше голем хендикеп и дискриминација за нив“, кажа Џафери.
Поглаварот на ИВЗ, Фетаи, тогаш изјави дека учениците од Медресата би можеле рамноправно да се вклучат во системот на високо образование во земјата, а тоа би се спроведувало во согласност со образовните планови и програми одобрени од Министерството за образование и наука и во согласност со Законот за средно образование.
Сепак, денешната одлука на Уставниот суд утврдува дека всушност, Владата предводена од Џафери не нашла соодветно решение за медресантите, бидејќи според нив се прекршени законот и Уставот. Со ова, медресантите се враќаат на позицијата на која биле претходно, имено со диплома од медресата Иса Бег, не можат да продолжат со студиите на универзитетите во земјата.
Суад Бајрами