Беким Ќоку, нов координатор на пратеничката група на ВЛЕН

Беким Ќоку ќе биде новиот координатор на пратеничката група на коалицијата ВЛЕН, група која ќе биде составена од девет пратеници. Информацијата за Алсат ја потврди самиот пратеник Ќоку. Сепак, оваа информација сè уште не е официјално испратена до Парламентот.
„До овој момент нема пристигнато никакво писмо по однос на прераспределба на пратеници во пратенички групи. Процедурата во однос на пратеничките групи во Собранието е уредена со Деловникот“, велат од Собранието.
Актуелниот координатор на коалицијата ВЛЕН, Халил Снопче, кој доаѓа од АА на Таравари, вели дека ако оваа информација е точна, тогаш ќе бидат принудени да формираат нова пратеничка група со своите пет пратеници. Ако ова се случи и ако Алијанса ја напушти Владата, тогаш ова ќе наметне предвремени парламентарни избори, бидејќи како што рече, не може да има Влада само со девет пратеници Албанци.
„Јас немам такви информации. Јас сум сè уште координатор на пратеничката група на ВЛЕН. Но, ако она што го кажувате е вистина, односно ако тие се обратат на Собранието со девет потписи од девет други пратеници кои формирале друга пратеничка група, се подразбира дека Алијанса за Албанците нема друга опција и ќе продолжи како посебна пратеничка група со пет пратеници“, вели Снопче.
Одлуката за формирање нова пратеничка група од страна на ВЛЕН доаѓа по синоќешниот состанок на кој беше одлучено дека ВЛЕН ќе функционира како еден субјект и со заедничко раководство.
Зекирија Хаџиу