Димитровска: Комуникацијата со осомничениот беше пријателска и неповрзана со предметот

И покрај повиците од експерти и политички партии, како и реакциите во јавноста, Татјана Димитровска нема намера да поднесе оставка од функцијата прв човек на Антикорупциската комисија. Димитровска е под мерки на претпазливост, бидејќи е осомничена во истрага на Обвинителството поради сомнение дека доставила тајни документи од Aнтикорупциска до еден од осомничените во случајот „Адитив“. По еднонеделeн молк, преку писмо испратено до медиумите, Димитровска го негира делото за кое се гони, нагласувајќи дека комуникацијата била пријателска и дека не открила тајни документи.
„Дел од споделените информации се однесуваат на јавни документи чија содржина пред нашата комуникација е објавена во јавноста, а останатиот дел е вообичаена пријателска комуникација. За оваа моја комуникација изразувам жалење и укажувам дека е направена без никаква намера да влијаам на постапката или на било кој аспект на истрагата. Ова го тврдам одговорно“, вели Димитровска.
Димитровска апелира да се почитува нејзиниот личен и семеен интегритет, како и интегритетот на Антикорупциската комисија, сè додека правдата не го каже своето.
„Целосно ќе соработувам со надлежните правосудни органи и очекувам брза и транспарентна разрешница на настанот. Мерките на претпазливост ќе ги почитувам во целост. До конечно изјаснување на обвинителството нема да давам дополнителни јавни изјави, освен ако тоа го наложат околностите, водејќи се од интересот на институционалниот интегритет и транспарентност. Очекувам до тогаш да се почитува интегритетот на ДКСК, мојот и интегритетот на моето семејство“, додава Димитровска.
Неподнесувањето оставка ја става Димитровска во апсурдна позиција. Законски, таа е дел од тимот за борба против корупцијата, но во исто време и е забрането да ја извршува својата функција. Експертите сметаа дека во вакви околности, Димитровска треба итно да поднесе оставка за да се избегне нарушување на довербата во оваа институција која е задолжена за гонење на корупцијата. Собранието има механизам за разрешување на Димитровска од функцијата, но претседателот Африм Гаши, поддржан од парламентарното мнозинство, се потпира на принципот на презумпција на невиност односно дека секој е невин додека не се докаже спротивното преку судска постапка.
Суад Бајрами