СПОРТФУДБАЛ

Ал Хилал преку Карло Анчелоти сака да стигне до Винициус

Карло Анчелоти беше на прагот на промоција како нов селектор на Бразил, но ситуацијата се промени буквално во „пет до дванаесет“, откако во трката се вклучија и амбициозните газди на Ал Хилал. Шеиците кои го водат актуелниот првак на Саудиска Арабија испратија неодолива понуда – 150 милиони евра за тригодишна соработка со актуелниот стратег на Реал Мадрид, понуда што Анчелоти е на прагот да ја прифати и по завршувањето на сезонава да стави крај на својата успешна епизода на „Сантијаго Бернабеу“.

Advertisements

Шпанските медиуми најавуваат дека ангажманот на успешниот тренер е само прва фаза од планот на челниците на Ал Хилал да тргнат на шопинг во Мадрид. Крајната цел според овие информации останува иста – во Ал Хилал во текот на летово да заврши Бразилецот Винисиус, фудбалер што амбициозните газди го следат повеќе од една година и очигледно немаат намера без борба да се откажат од намерата за негов ангажман.

Крилниот офанзивец минатиот месец и официјално ја одби понудата за преселба во Ал Хилал, тој е блиску до потпишување на нов договор со Реал, но ситуацијата би можела да се промени. Анчелоти е тренерот што го лансираше Винисиус до врвот на светскиот фудбал и доколку Италијанецот биде на чело на фудбалскиот проект во Саудиска Арабија, со тоа растат и шансите Винисиус да се премисли на оваа тема.

Секако, парите ќе имаат значајна улога, се најавува дека ќе биде и зголемена понудата до Бразилецот, кој би имал загарантирани 300 милиони евра по сезона во Саудиска Арабија. Што се однесува до Реал, „кралевите“ ќе инсистираат на најмалку 300 милиони евра отштета, со што трансферот на Бразилецот би станал најскап во историјата на фудбалот.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button