ВЕСТИМАКЕДОНИЈА
Португалското претседателство со ЕУ ќе настојува да почнат преговорите со Северна Македонија

Португалското претседателство со Европската унија го смета процесот на проширување како важно прашање и ќе направат сѐ што е во негова моќ, да се динамизира дијалогот за усогласување на Преговарачката рамка и формално да се отпочнат пристапните преговори меѓу Северна Македонија и ЕУ.
Ова на вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и на шефот на дипломатијата Бујар Османи, им го пренел Аугусто Сантош Силва, министер за надворешни работи на Португалија, земја претседавач со Советот на ЕУ, на синоќешната средба во Брисел.
На средбата е разговарано за програмата и приоритетите на Португалското претседателство, со акцент на очекувањата за процесот на проширување во претстојниот период. На состанокот беше отворено и европското досие на Северна Македонија, за што двете страни разменија мислења за идните можни чекори кои би се реализирале под палката на Португалското претседателство со ЕУ, соопшти владината прес-служба.