Мицкоски: Економијата е консолидирана, настапува период на развој и реализација на стратешките цели

За премиерот Христијан Мицкоски намалувањето на јавниот и државниот долг претставува одличен индикатор за состојбата на македонската економија. Тоа, како што посочува, укажува дека се случило консолидирање на економијата по слободиот пат во изминатите години и оти следува период на развој.
-Уште една убава вест за македонската економија и граѓаните. Во првиот квартал од 2025 година, заклучно со 31ви/Март, намален е јавниот и државен долг. Јавниот долг е 57,7% од бруто домашниот производ, а државниот долг е 50,1% од бруто домашниот производ, пишува Мицкоски на својот Фејсбук профил.
Ова, додава тој, е најниско ниво во последните пет години и споредено со состојбата од 2020 година, јавниот долг е намален за -2%, а државниот долг е намален за -0,7%.
-Одлични индикатори за состојбата на македонската економија. После првата фаза на стопирање на слободното паѓање што се случуваше седум години, побргу од очекуваното се случи консолидирање, сега следува период на развој и реализација на стратешките цели во овој мандат на владата. Продолжуваме со дисциплинирани и развојни економски политики. Горда Македонија е богата Македонија! Македонија станува повторно твоја!, пишува Мицкоски на ФБ.
Претходно, Министерството за финансии ги објави податоците за нивото на јавниот долг на крајот на првиот квартал од 2025 година. Согласно објавените податоци јавниот долг бележи намалување од 4,7 п.п. во споредба со нивото од крајот на 2024 година и изнесува 57,7 отсто од БДП или намалување за 36 милиони евра во апсолутен износ.