Средба во сенка: Заврши средбата меѓу Мицкоски и Таравари, без конкретен епилог
Средба во сенка: Заврши средбата меѓу Мицкоски и Таравари, без конкретен епилог

Целосно надвор од очите на медиумите започна и заврши долгоочекуваната средба помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари. За разлика од вообичаените средби, лидерот на АА влезе и излезе преку гаражата на владината зграда, со што ги избегна медиумите.
Средбата траеше околу еден час и, според извори од Владата за Алсат, поминала во конструктивна атмосфера, но без конкретен заклучок. Сите актуелни прашања од изминатите денови биле ставени на маса. До крајот на мај, Мицкоски му дал рок на Таравари да одговори на клучното прашање: дали ќе соработува со ДУИ за локалните избори или ќе остане дел од владината коалиција. Не се разговарало за други опции.
Мицкоски на средбата ги потврдил ставовите што веќе јавно ги има изнесено, велат истите извори. Претходно истиот ден, премиерот изјави дека Таравари има само две опции – да биде во Владата заради реформи и промени, или со оние кои две децении ја криминализираа државата. Трета опција не постои. Таравари рече дека нема договор со ДУИ и дека кога ќе има, повеќе нема да има за цел да биде дел од Владата.
„Јас гледам дека ВЛЕН по секоја цена сакаат да бидат дел од Владата. Ако тоа е условот, не ни пречи – нека продолжат, но изгледаат лошо однадвор и оставаат лош впечаток. За нас нема никаков проблем. Ако некогаш одлучиме да соработуваме со ДУИ, ниту ќе бараме да сме во Владата, ниту ќе сакаме. Засега единствена одлука на централното раководство е да настапиме со свои листи за општински советници“, рече Арбен Таравари, претседател на Алијансата за Албанцитe.
Во калкулациите за локалните избори, Таравари досега не ја исклучи ДУИ како опција за соработка. Почетно контактите со Ахмети ги нарече „канали на комуникација“, додавајќи дека и другите партии од ВЛЕН имале такви контакти – што беше демантирано од Изет Меџити, Билал Касами и Зеќирија Ибрахими. Лидерите на ВЛЕН неколку пати го повикаа Таравари да ги прекине разговорите со ДУИ, но тој тврдеше дека Алијанса за Албанците е автономна партија и одлуките ги носат нејзините органи. На крај призна дека имал телефонски разговор со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, токму во деновите кога партијата требаше да одлучи за своето учество на претстојните локални избори./Алсат.мк
Фатлуме Дервиши