Апелација им ги зголеми казните на дел од обвинетите за случајот „Ласкарци“, по десет години затвор за сопственикот и одговорниот во „Дурмо турс“

Апелациониот суд Скопје ги одби како неосновани жалбите на дел од обвинетите за случајот „Ласкарци“ кој се однесува на автобуската несреќа што се случи во 2019 година во која загинаа 16 патници, а над 30 беа повредени, додека делумно ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје, на начин што им ги зголеми казните затвор на сопственикот на компанијата „Дурмо турс“, обвинетиот Дурмиш Белули од четири на десет години, на одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари од шест на десет години, и од пет на по седум години казна затвор на двајцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски.
Казните на третиот вработен во станицата за технички преглед Јане Боваровски и на возачот на автобусот, Маноил Трифуновски остануваат исти, пет и 14 годни казна затвор.
Јавната седница во Апелација се одржа на 2 април годинава, а по спроведено советување и гласање на нејавен дел од седницата на ден 17.04.2025 година, судот донесе пресуда со која, како што информира, ги одби како неосновани жалбите на сопственикот на компанијата „Дурмо турс“, обвинетиот Дурмиши Белули, како и на тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиовски, Горан Дуковски и Јане Боваровски, а делумно ги уважи жалбите на одговорниот за транспорт во фирмата, обвинетиот Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски.