Андоновски: Потпишан налогот за забрана на првите 53 нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски го потпишал првиот налог за забрана на 53 нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа.
„Со ова се забрануваат 53 портали коишто нелегално приредувале игри на среќа во Македонија и на коишто се прикачени македонски играчи на игри на среќа. Знаеме дека се од Македонија затоа што се приклучуваат од македонски адреси и ги трошат своите пари“, изјави Андоновски во синоќешната емисија „За или против’’ на Алфа телевизија.
Министерот додаде дека овие веб страници кои се нелегални, за краток период ќе бидат забранети.
„Овие 53 портали се најактивните, што значи дека имаат најголем број на играчи и најмногу средства, налогот го испративме до АЕК која што во најбрз можен рок, а најдоцна до 7 дена, треба да го препрати до телеком операторите коишто се во Македонија, а тие веднаш да постапат и да ги забранат“, додаде тој.