Сè уште останува нејасно кој ќе застане на чело на Министерството за здравство по заминувањето на Арбен Таравари
Сè уште останува нејасно кој ќе застане на чело на Министерството за здравство по заминувањето на Арбен Таравари

По информациите дека коалициските партнери ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ би можеле да направат размена меѓу Министерството за образование и здравство, министерката Весна Јаневска вели дека не е запознаена со такво нешто.
„Ги негираме наводите дека досега се разговарало за каква било размена на министерства или ресори, или за тоа кој ќе го преземе Министерството за здравство. Тоа не е вистина“, рече Валентин Манасиевски, ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа изјава следи откако од ВЛЕН, преку еден од нивните лидери, Билал Касами, беше спомната можноста за размена на ресорите здравство и образование.
„Го прочитав тоа во медиумите, но во овој момент, како министерка за образование и наука, имам многу работа што треба да се заврши во текот на мандатот, така што ниту размислувам, ниту сум вклучена во тие преговори. Постојат одговорни лица кои одлучуваат за тоа“, рече Весна Јаневска, Министерка за образование.
Досега нема официјални информации кој ќе ги води и другите позиции во извршната власт по повлекувањето на кадрите од Алијансата за Албанците. Од Владата за МИА изјавија дека нема да има реконструкција, туку само замена на министрите./Алсат.мк
Фатлуме Дервиши