
Петти ден по ред, студенти и граѓани го блокираат судот во Нови Сад, барајќи итно ослободување на шесте притворени активисти, меѓу кои и професорката Марија Васиќ, која штрајкува со глад од вторник. Демонстрантите истакнуваат дека притворањето е незаконско и ги повикуваат судиите да одлучуваат по веќе поднесените жалби, додека семејството и адвокатите на професорката Васиќ со денови не добиваат информации за нејзината здравствена состојба.
Сопругот на Марија Васиќ, Давид Трнавац, вчера во телевизиска емисија рече дека сè уште немаат официјални информации за здравствената состојба на неговата сопруга, која е во затворската болница во Белград.
„Единственото нешто на што можеме да се надеваме е дека таа е во подобра состојба отколку што беше во вторник. Сите молчат за нејзината состојба, нема информации од институциите“, вели тој.
Професорката Марија Васиќ, која започна штрајк со глад и жед минатиот вторник, се онесвести два дена подоцна, а потоа беше префрлена во затворската болница во Белград. Сепак, оттогаш, семејството, адвокатите и пријателите немаат никакви официјални информации за нејзината состојба.