
Фудбалскиот Клуб Валенсија подготвува тужба против Нетфликс токму поради документарниот филм за Винисиус. Документарецот го следи животот на Винисиус во последните неколку години, а еден од деталите на филмот е снимка од натпреварот кој се одигра на „Местаља“ на 21. април 2023 година.
На тој натпревар Винисиус доби големи навреди од навивачите на Валенсија, а токму извиците од трибините се идната тема на спорот и евентуална тужба. Валенсија не го оспорува грдото и погрешно однесување на своите навивачи, но за клубот е спорен начинот на кој Нетфликс го препиша она што се слушаше од трибините.
Имено, авторите на филмот во преводот навеле дека фановите извикуваат „моно, моно“, што е расно навредлива фраза наменета за луѓе со темна кожа. Клубот од „Местаља“ тврди дека навивачите извикувале „тонто, тонто“, што во превод значи „идиот“.
Валенсија и претходно имаше „конфликти“ со претставници на поп културата. Клубот презеде правна постапка во 2013 и 2014 година за да ја заштити модернизираната верзија на својот грб, но потоа се соочи со реакции од „DC Comics“, кои тврдеа дека симболот премногу личи на логото на Бетмен.