Костадиновски: Во овој момент нема правно правило по кои услови независните кандидати ќе учествуваат на изборите

Уставниот суд со мнозинска одлука на судиите ги укина оспорените одредби од измените и дополнувањата на Изборниот законик, оценувајќи дека се направени во скратена постапка, нетранспарентно, без јавна расправа и дискусија на собраниска седница, непосредно пред одржувањето на изборите во 2024 година, што појавува сомнеж дека овие измени во суштина се направени исклучиво во интерес на политичките партии со единствена цел да се намали бројот на независните кандидати на самиот почеток на изборната трка, изјави претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски.
Костадиновски, на прес-конференција по денешната седница на Уставниот суд на која ги укина членовите 17 и 18 од Изборниот законик, со кои се крена прагот за собирање потписи за независните кандидати и листи што планираат да учествуваат на избори, нагласи дека станува збор за укинувачка одлука, а не за поништувачка одлука, што значи дека претходното правно правило не оживува и дека законодавецот „во најскоро можно време треба да пристапи и да ја пополни оваа правна празнина“.
– Во спротивно, евентуалното непостапување на законодавецот би значело дополнителна повреда и дополнително стеснување на основните слободи и права на човекот и на граѓанинот и тешка повреди на политичкиот плурализам, сите темелни вредности на нашиот правен поредок, изјави Костадиновски, нагласувајќи дека „во овој момент нема правно правило по кои услови независните кандидати ќе учествуваат на изборите“.
Прашан како оваа одлука ќе влијае на претходните избори, Костадиновски рече дека одлуката нема ретроградно важење и стапува на сила од моментот на објавување со Службен весник.