Северна Македонија и Велика Британија денеска потпишуват договор за стратешко партнерство

Северна Македонија и Велика Британија денес во Лондон ќе потпишат договор за стратешко партнерство, кој на земјата и дава на располагање заеми во вредност од 6 милијарди евра за реализација на капитални проекти во областите транспорт, здравство, образование, енергетика, технологија и животна средина. Договорот ќе го потпишат вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски и британскиот министер за економија и извоз Гарет Томас. Дел од делегацијата се и првиот вицепремиер Изет Меџити, министерката за образование Весна Јаневска и директорот на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Синиша Ивановски. Според локалните власти, се дискутираат три пакет проекти.
Во меѓувреме, Меџити, по средбата во Лондон со претставници на Фондот за надворешно финансирање на Обединетото Кралство изјави дека договорот предвидува и чистење на опасниот отпад.
„Покрај овие, дојдовме и до нова идеја од Министерството за екологија да ја искористиме оваа финансиска можност, но и експертизата, искуството на Велика Британија за да решиме проблем што постои со децении во Република Северна Македонија. Целосна елиминација на опасниот отпад, како што е линданот во фабриката Охиси, потоа во Југохром, во Вакcинцe во Лојанe бидејќи тие претставуваат потенцијален ризик за животната средина и здравјето на граѓаните на државно ниво“, рече Меџити.
Договорот претходно е одобрен од Владата, додека за да стапи во сила, мора да биде ратификуван од Собранието. Во меѓувреме, сè уште не е јасно што треба да понуди Македонија во замена за заемот. Медиумите шпекулираат дека мотивот за овој договор се нелегалните имигранти. Особено, имајќи предвид дека Велика Британија бара земји што можат да прифатат мигранти на кои не им доделила азил. Ова особено предизвика сомнежи откако британскиот премиер Кир Стармер соопшти дека ќе ја прошири заедничката група за миграција на Западен Балкан формирана со Албанија и Косово, во која треба да бидат вклучени и Северна Македонија и Црна Гора.
Суад Бајрами