
Дел од најверните навивачи на Милан одлучија да го бојкотираат последниот првенствен натпревар против Монца, а причината се секако лошите резултати на тимот сезонава.
„Росонерите“ останаа без излез во Европа првпат по 2020 година, нешто што воопшто не им се допадна на најверните фанови кои бараат промени и подобри резултати во иднина. Најавено е дека „ултрасите“ ќе навиваат само 15 минути на мечот со Монца, по што ќе го напуштат „Сан Сиро“ во знак на револт.
Најавен е и протест пред почетокот на натпреварот, а потоа организацијата на навивачите ќе се огласи со официјално соопштение до медиумите.
Се чини дека последните порази (од Болоња во Куп-финалето и од Рома во Серија А) ја „прелија чашата“ кај навивачите, а управата веќе најави сериозни промени и нови засилувања за следната сезона.
Милан важи за еден од најголемите клубови во европа и е седумкратен европски првак, а воедно има и 19 титули во Серија А.