
ЕУ и Велика Британија не треба да го користат Балканот како „магацин“ за мигранти – е пораката којашто ја испрати организацијата „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ), којашто се вклучи во дебатата за можните „центри за враќање“ од трети земји за барателите на азил. Реакцијата следи откако ЕУ и Велика Британија презедоа чекори за преселба на потенцијалните имигранти надвор од нивните граници.
Британскиот весник „Тајмс“ неодамна објави дека владата на Велика Британија е во напредна фаза на планирање за отворање центри за депортација во странство за мигранти чии барања за азил се одбиени. Меѓу земјите што се разгледуваат за вакви центри е и Косово. Извори цитирани од весникот посочија дека британскиот план вклучува девет избрани земји, вклучувајќи ги Косово, Србија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина, како и неколку неевропски држави.
Целта на оваа иницијатива е да се ограничи приливот на мигранти кои нелегално влегуваат во Велика Британија, особено преку Ламанш, чиј број бележи нагло зголемување во 2025 година.
Најавите се дека овој процес треба да се забрза пред самитот на лидерите од Западен Балкан, што се очекува да се одржи во Лондон оваа есен, каде што миграцијата ќе биде една од главните теми.
Извор: Дојче Веле