ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Опозицијата да се вклучи во лобирањето во ЕП за Македонија

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи пратеничко прашање во Собранието, за напорите на Владата за деблокада на евроинтергации ја повика опозицијата да лобира заедно со Владата кај европратениците за да се изгласа извештајот за земјава, кој вклучува засебен многувековен македонски идентитет поврзан со нацијата и со македонскиот јазик.

Advertisements

Мицкоски, при тоа за уставните измени потенцираше дека додека нема Македонци во бугарскиот Комитет за малцинствата, нема поместување ни милиметар од нашите позиции.

Премиерот посочи дека предизвикот со промена на Уставот за вклучување на дел од нашите сограѓани кои за себе велат дека се припадници на бугарската заедница, за да може земјава да ја одржи Втората меѓувладина конференција го прифатила претходната влада со прифаќање на „Францускиот предлог“ и ова е, вели факт, а на сегашната Влада и преостанува да прави стратегија како да се надмине тоа без да се дозволат нови барања.

-Како Влада кога го имате ова пред вас, седнувате и правите стратегија, и велите дали во оваа игра сме за да се најдеме на стартната рамнина или да ја завршиме трката. Ако гледате државнички и пошироко, тогаш ќе речете што добиваат граѓаните и државата, имајќи предвид дека министерот за надворешни работи на нашиот источен сосед кажа дека ова е само почеток, а не е крај на барањата, ќе видиме што ќе се случува понатаму. Кога го имате овој факт, тогаш логично е да креирате стратегија за понатаму и како Влада креираме стратегија за понатаму, рече Мицкоски.

Тој истакна дека сега имаме прв тест, а тоа е од страна на земјите членки на ЕУ да биде усвоен документот за малцински права подготвен од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и, вели,  да видиме како ќе реагира нашиот источен сосед Бугарија. Вториот момент е вели Извештајот на известувачот за земјава во ЕП Томас Вајц, кој се очекува да се гласа во јули.

-Но, пред тоа има еден друг вовед, а тоа е Извештајот на известувачот за состојбите тука во Македонија, кој во среда ќе се најде пред европските пратеници каде ќе се зборува за посебниот многувековен македонски идентитет и посебниот македонски јазик кои се поврзани со нацијата, а не територијата на државата, и тоа е многу важно затоа што Македонци има насекаде во светот. Ќе видиме како ќе се однесуваат пратениците кои доаѓаат од Бугарија. Од тоа што го имаме како информација и поднесените амандмани не сум оптимист за нивното проевропско однесување, туку прилега повеќе на приликите од средниот век. Во овој извештај стои дека имаме посебен македонски идентитет различен од нивниот, не после 1945 туку векови претходно и македонски јазик, и ако не е тоа проблем, еве европските пратеници имаат прилика и таму се гласа со мнозинство, не едногласно и затоа барам од опозицијата кои се дел од одредени политички семејства кои имаат европратеници да лобираат во насока да се прифати, потенцираше премиерот Мицкоски.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button