ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

„Адитив“ – Обвинетите за прв пат седнаа на обвинителна клупа

Прво рочиште за случајот „Адитиви“ -31 обвинет и претставници на петте обвинети правни лица седнаа на обвинителната клупа. Недостасуваше само првообвинетиот, поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски кој е во бегство. Сите обвинети негираа вина, односно најавија дека во доказната постапка ќе докажуваат дека се невини. Судијката која го води случајот оцени дека на Ковачевски треба да му се суди во отсуство.

Advertisements

„За првообвинетиот и поранешен директор на ЕСМ Васко Ковачевски постојат важни причини да му се суди и поради ова судот донесе решение да му се суди во отсуство“, вели Даниела Димовска.

Од друга страна, обвинителството тврди дека обвинетите се виновни, односно дека преку пререгистрација на фирми и договарање меѓу економски оператори местеле тендери за набавка на адитиви за јаглен за потребите на РЕК Битола и РЕК Осломеј и со тоа го оштетиле буџетот за милионски суми.

„Обвинителството ќе докаже една институционална и морална распаднатост на системот на управување на АД Есм кога обвинетите ги вршеле своите должности во тој систем на управување и одлучување. Секако ќе докажеме, во секој еден дел од обвинението дека обвинетите се организирале во злосторничко здружување со цел вршење на кривичните дела од членот 275 В-353 и секако кривичното дело 273 кое се однесува на перење пари“, рече Наташа Поп Трајков, обвинителка за гонење организиран криминал и корупција.

Следното рочиште е закажано за 26 јуни, кога одбраната ќе започне со изведување докази. Случајот „Адитиви“ се однесува на истрага за злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и РЕК Осломеј. Проценетата штета што е направена е околу 6,5 милиони евра.

Михаило Донев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button