Европската комисија не се откажува од планот за укинување на Ковид фондот

Европската комисија останува на планот следната година да биде укинат Инструментот за закрепнување и отпорност (РРФ) од Ковид пандемијата, вреден 650 милијарди, и покрај противењето на ваквата идеја на некои од поголемите земји членки на ЕУ, како Италија, Шпанија и Полска, јавува МИА.
Според дипломатски извори, Еврокомисијата се очекува в среда (4 јуни) да соопшти дека Инструментот ќе биде укинат во 2026 година, како и што е планирано, затоа што нема законски основи за негово продолжување.
Извори од ЕК посочуваат дека и покрај притисокот од некои земји, Правната служба на ЕУ ја отфрла можноста за продолжување на важноста на фондот, со образложените дека за такво нешто е потребна промена на законската регулатива за неговото создавање.
Но, за таквата промена неопходна согласност од сите членки на ЕУ, што е малку веројатно имајќи предвид дека дел земјите од северниот дел на Унијата, пред се Германија и Холандија, се противат на дополнителни трошоци со продолжување на важноста на Инструментот за закрепнување и отпорност.
Согласно регулативата за создавање на Инструментот, земјите членки на ЕУ имаат право да поднесуваат барања за исплата на средства од овој инструмент до 31 август 2026 година, кои би требало да им бидат исплатени најдоцна до 31 декември следната година.