
Автобус кој превезувал ученици од седмо одделение на основното училиште „Никодије Стојановиќ Татко“ од Прокупље, се запалил утринава во близина на селото Криви вир, недалеку од Бољевац, источна Србија.
На видео-снимките од местото на настанот се гледа како децата го напуштаат возилото од кое излегува густ чад, по што се оддалечуваат на безбедно растојание. Само неколку минути подоцна, автобусот целосно бил зафатен од пламен и во краток рок бил претворен во пепел. Од него останала само изгорена школка.
Според локалните медиуми, за среќа, сите деца се во добра здравствена состојба и успеале навреме да се евакуираат. Екскурзијата, која била дводневна и организирана од нишката туристичка агенција „Hallo travel“, требала да ги однесе учениците на обиколка низ источна Србија.
Од училиштето потврдуваат дека децата се безбедни и навреме го напуштиле автобусот, но не даваат дополнителни изјави за јавноста.
Инцидентот се случил само неколку часа откако учениците тргнале од Прокупље, утрово околу 7 часот, откако претходно возилото било прегледано од страна на полицијата.
Александар Пауновиќ, родител кој веќе тргнал да го земе своето дете, за медиумите изјави дека децата се надвор од возилото, но дека некои се жалат на мачнина.
– Кога го испраќав моето дете, забележав дека автобусот е стар, па проверив во Агенцијата за привредни регистри – компанијата е основана минатата година – вели Пауновиќ.
Тој додава дека неговото дете му кажало оти автобусот веќе неколку пати застанувал на патот уште од раното утро.
Директорот на училиштето, Љубомир Вукиќевиќ, не одговара на повиците на новинарите од локалните медиуми.
Истрагата за причините за пожарот е во тек. Властите најавија вонредна контрола на техничката исправност на возилата што се користат за организиран ученички превоз.
View this post on Instagram