Медицинските сестри во Клиничката болница во Тетово денеска повторно протестираа
Медицинските сестри во Клиничката болница во Тетово денеска повторно протестираа

Десетици медицински сестри вработени во тетовската болница повторно протестираа барајќи решавање на нивниот статус и исплата на платите. Велат дека немаат поддршка од синдикатите, а од нивната последна средба со директорот на болницата, велат дека немале понатамошен контакт со него.
„Тетовската болница ние ја држиме во живот, но тие нè заборавија. Ние не бараме подароци, ние бараме задоцнети плати, ги бараме нашите договори кои фалат, ги бараме нашите заслужени и ветени решенија, доста со лаги. Додека трае оваа неправда, нема да молчиме, нема да застанеме затоа што болницата нема живот без нас“, рече една медицинска сестра.
Главната медицинска сестра во Тетово рече дека доколку медицинските сестри чии договори се истечени не продолжат со работа, ќе има колапс, а таа рече дека се надеваат дека ќе го решат ова прашање со назначувањето на новиот министер.
„Верувајте дека е вистина дека однапред ни беше ветено дека ќе има конкурси и вработувања, дека ќе се даваат решенија за вработените, од министерството тие ветувања доаѓаат од горе, не доаѓаат од тука, не можеме ние да ги измислуваме тие работи, и се случи како што се случи, знаете каква е ситуацијата и се случи ова, сè уште чекаме да се избере новиот министер, се надеваме дека овие проблеми ќе бидат решени што е можно поскоро“, рече Линдита Заими, главна медицинска сестра.
Околу 140 медицински сестри останаа без договори за вработување, а некои од нив работат со години со нерешен статус. Пред два дена, Алсат објави електронска пошта, интерна комуникација на Министерството за здравство, преку која поранешниот министер Арбен Таравари, на првиот ден на чело на здравството, им наложил на сите јавни болници, вклучително и на тетовската, да ја суспендираат постапката за вработување. Во документот од 24 јуни се наведува дека во текот на извршувањето на активностите поврзани со вработувањето во јавните здравствени установи, Министерството за здравство наредува сите активности поврзани со вработувањето да бидат привремено суспендирани, без оглед на фазата во која се наоѓаат./Алсат.мк
Линда Ебиби