
Алкалоид и официјално го освои Европскиот Куп на ЕХФ откако ЕХФ службено го регистира реванш-мечот во Скопје со победа на „сините“, а тоа донесе и нова историја за македонскиот ракомет.
Европската круна во третиот ранг во машкиот ракомет е значајна за Алкалоид затоа што е прва, но и за тренерот Кирил Лазаров. За него ова е трет трофеј со екипата по трофеите во Суперкупот и Купот на Македонија.
Но, европската титула има дополнителна тежина, затоа што Лазаров влезе во историјата како прв македонски тренер со европска титула. Освојувале наши репрезенти како асистенти или играчи, но не и како тренери.
Вардар 1961 ги освои двете европски титули со Раул Гонзалез и Роберто Гарсија Парондо од Шпанија, додека Кометал Ѓорче Петров беше најдобар со Aлександар Панов од Русија.