ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Министерот без ресор Салиу не чувствува вина за трагедијата во Кочани

Министерот без ресор Салиу не чувствува вина за трагедијата во Кочани

Министерот без ресор Шабан Салиу кој како поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување е дел од истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во изјава за медиумите како претседател на политичката партија Демократски сили на Ромите вели дека не чувствува никаква одговорност за овој случај. Салиу кој неодамна беше пуштен од затворски притвор, во изјава за медиумите вели дека неговата совест е чиста и остава институциите да го расветлат случајот.

Advertisements

“Апсолутно во тој поглед не чувствувам одговорност, очекувам, верувам во нашата држава, верувам во институциите на системот, верувам во правосудните органи дека правилно ќе ги согледаат аргументите и сите останати посебни да кажам моменти од тој случај. Оставам на совеста на државата да одлучи дали јас имам или немам вина. Лично, со душа и со срце тврдам и максимално одговорно тврдам дека немам апсолутна вина во тој поглед“, рече Шабан Салиу, претседател на Демократски сили на Ромите.

Штипска апелација му го укина притворот кон крајот на минатиот месец, откако ја уважи неговата жалба и му определи мерки за претпазливост. Претходно, Салиу беше во ефективен притвор повеќе од 30 дена. Истрагата за пожарот во Кочани на обвинителството опфати вкупно 46 лица, а Салиу е еден од 20-те осомничени за кои во сила се мерки на претпазливост. Ова значи дека му е одземен пасошот и дека има обврска привремено да се јавува во суд.

Истрагата финишираше кон крајот на минатиот месец, а 11 лица до овој момент се наоѓаат во ефективен притвор. Покрај Салиу, како ексдиректор на дирекцијата за заштита и спасување во истрагата опфатен е и Беким Максути кој се наоѓа во куќен притвор, а од затворски во домашен притвор беше пуштен и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши. И на неговите претходници на оваа позиција осомничени во истрагата Ваљон Сарачини и Беким Незири судот им одреди мерка куќен притвор. По завршувањето на истрагата за пожарот во Кочани во кој загинаа 62 лица, се очекува одбраната да има увид во доказите, а обвинителниот акт официјално да биде доставен до 15-ти овој месец. /Михајло Донев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button