
Македонската фудбалска репрезентација ќе игра против Белгија во третото коло од квалификациите за Светското првенство. На трибините на националната арена „Тодор Проески“ се очекува одлична посета.
Според информациите од Фудбалската федерација на Македонија веќе се продадени 24.000 билети за натпреварот. На тоа треба да се додадат околу 3.000 дечиња кои добија покана од ФФМ да бидат на трибините, како и 600 навивачи од Белгија.
Тоа значи дека натпреварот меѓу Македонија и Белгија ќе биде еден од најпосетените досега и ќе има околу 27.000 навивачи на трибините. Поради тоа, од Фудбалската федерација на Македонија испратија важни информации за навивачите кои ќе доаѓаат на стадионот.
„Ве повикуваме сите да пристигнете навреме и да ја поддржиме нашата репрезентација!
Вратите се отвораат во 18:45 часот. Дојдете порано за да избегнете метеж и навреме да си го заземете вашето место. Лица со жолти маички ќе ги проверуваат / скенираат билетите на влезот. Подгответе ги однапред за побрза и полесна проверка. На билетите се наведени предметите кои не се дозволени за внесување. Ве молиме почитувајте ги правилата за ваша и заедничка безбедност.
Понесете го вашето знаме или шал и сите заедно да ја обоиме арената во црвено-жолто и да навиваме за Македонија!“, напишаа од ФФМ.
Оваа еуфорија освен поради силниот ривал доаѓа и по добриот старт на мундијалските квалификации во кој Македонија е првопласирана на табелата во групата.