Уапсен е Александар Нацев, сопственик на агенцијата што го обезбедувала „Пулс“

Надлежното Обвинителство во Кочани ја прошири истрагата за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани за уште едно лице. Станува збор за сопственикот на агенцијата за обезбедување која била ангажирана за обезбедување на т.н. кабаре во кое на 16 март годинава животот загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени.
Неофицијално се работи за лицето Александар Нацев, кое и досега се споменуваше како сопственик на агенцијата што го обезбедувала објектот, а која веќе е опфатена во истрагата.
Од Јавното обвинителство утрово соопштија дека во текот на досегашната постапка биле обезбедени докази со кои е утврдено дека сега осомничениот е одговорно лице – реален сопственик на осомниченото правно лице – агенција за обезбедуавње на имот и лица од Скопје.
Според Обвинителството, осомничениот вчера бил лишен од слобода и за него јавен обвинител до Основниот суд во Кочани ќе достави предлог за определување на мерка притвор.
Дополнително вчера биле извршени претреси на две локаци во Скопје и Пробиштип, како и во автомобилот на осомничениот. При претресите била одземена обемна документација поврзана со фирмата за обезбедување и електронски уреди.
Инаку, како што информираат од Обвинителството, тој е осомничен за кривичното дело тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик (КЗ).