Приведен сопственикот на агенцијата што ја обезбедувала дискотеката „Пулс“

Полицијата го уапси Александар Нацев сопственикот на Агенцијата која ја обезбедувала дискотеката „Пулс“ во Кочани за време на критичната ноќ кога избувна пожарот во кој загинаа 62 лица. Од МВР потврдија дека по претреси на неколку локации Нацев е уапсен.
„МВР во координација со јавен обвинител по наредба на судија на претходна постапка изврши претреси во две локации во Скопје и Пробиштип, во врска со агенција за обезбедување, при што лишено од слобода е лицето А.Н.“, навеоа од МВР.
Во меѓувреме, обвинителството соопшти дека истрагата за пожарот е проширена за уште едно лице, односно дека Нацев се товари за тешки дела против општата сигурност. Агенцијата на Нацев без склучен договор со кабарето Пулс вршела обезбедување на објектот, а сопственикот на Агенцијата заедно со осомничените лица како обезбедување сториле серија прекршоци.
„Без каква било безбедносна проценка и план за обезбедување, како и без проверка на условите за противпожарна заштита и опасност од пожари, без да извршат проверка по однос на сигурносните услови во кабарето, во текот на вечерта кога настанал пожарот не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот. Не спречиле ниту внес и користење на експлозивни материи – пиротехнички средства“, велат од ОЈО.
Досегашната истрага на обвинителството опфати 46 лица за тешки дела против општата сигурност. Истрагата и против 14 полициски службеници, за кои сѐ уште се прибираат докази. Извршени се распити на околу 400 сведоци и оштетени лица, а се очекува истрагата да заврши до средината на овој месец.
Михаило Донев