Мицкоски ќе го разрешел Идризи ако повторно одбие да се обрати и на македонски

Премиерот Христијан Мицкоски му даде „жолт картон“ на Арсим Идризи, директорот на Инспекторатот за јазици, затоа што при едно појавување пред медиумите во Собранието, првично одбил да зборува на македонски јазик. Мицкоски го предупреди Идризи дека ако повторно зборува само на албански, без да зборува и на македонски пред медиумите, ќе биде разрешен.
Изјавата на Мицкоски доаѓа по најавата на вицепремиерот за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, кој во телевизиска емисија гарантираше дека на денешната владина седница, со 99% сигурност, Идризи ќе биде разрешен.
Од коалицијата ВЛЕН ја гледаат ситуацијата како недоразбирање меѓу партнерите, додека изјавата на Стоилковиќ, Билал Касами ја нарекува избрзана.
„Именувањата на функционерите се вршат по предлог на партиите што ги предлагаат и се дел од коалициски договор. Мислам дека изјавата беше избрзана. Секако, целиот процес на заедничко владеење се базира на договор за коалициско партнерство“, вели Касами.
Ситуацијата за која Идризи доби опомена, всушност се случи пред една недела, односно на 3 јуни, кога Идризи и вработените во Инспекторатот биле во Собранието за да се сретнат со координаторите на пратеничките групи во обид да се надмине проблемот со неплатените плати, кои доцнат веќе пет месеци. По завршувањето на средбата, учесниците дадоа изјави. Прв, Беким Ќоку од ВЛЕН даде изјава на албански, а на барањето на новинарите да ја повтори и на македонски, одговори дека брза.
„Навистина немаме време, многу брзаме. И минатиот пат немавте изјава на македонски. Во ред, ви благодарам многу“, рече Ќоку.
Потоа изјава даде и Идризи, кој најпрво одби да зборува на македонски.
–Ве молам, ако може на македонски.
„После ќе ви преведат колегите“.
–Не, дали ќе одговорите и на македонски? Затоа што така е и според Законот за јазиците.
„Да, но и Законот за јазиците предвидува тука да има преведувачи.“
Македонските медиуми реагираа на ова, пренесувајќи само овој дел од ситуацијата. Вистината е дека Идризи подоцна се согласи и одговори на сите поставени прашања и на македонски јазик.
„Добро, ќе одговорам. Прашањето беше дали ќе има…“
–Дали добивте гаранции дека проблемот ќе се реши?
„Да, апсолутно, тоа беше конструктивна средба меѓу нас и пратеничките групи. Се надевам дека што побрзо ќе најдат решение бидејќи ова е работа на пратеничките групи и пратениците“, одговори Идризи.
Суад Бајрами