Се бара доживотен затвор за четворицата обвинети за убиствoтo на Вања и Панче

Доживотна казна затвор за сите четворица обвинети – побара обвинителството во својот завршен збор за случајот со грозоморните убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Според обвинителството, за ниту еден од обвинетите – Љупчо Палевски, Боре Видевски, Влатко Кешишов и Велибор Манев не постојат олеснителни околности за сторените дела и сите треба да добијат најстрога затворска казна.
„Можеме да претпоставиме колкаво било страдањето на детето со четворица непознати. Кои ја носат некаде, потоа ѝ поставуваат прашања и ја убиваат. Самиот факт дека таа е дете од 14 години е доволно за доживотен затвор. Казната според Кривичниот законик е од 10 години до доживотен. Нема олеснителни околности за обвинетите. Сите се во зрела возраст, сите се родители, сакале да се и политички фактор“, рече обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска.
За таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, обвинителството не прецизираше, туку рече дека бара тој соодветно да биде казнет.
„Не тврдиме дека сакал да му го убијат детето, но учествувал во киднапирањето на сопствената ќерка. Бараме да биде соодветно казнет за тоа“, додава обвинителката Стојковиќ Димитровска.
Мајката на Вања, како и ќерките на Жежовски преку своите правни застапници во целост се согласија со завршниот збор на обвинителството и побараа отштета за душевната болка која ја доживеале. Следните рочишта се закажани за 18 и за 20 јуни кога треба да почнат завршните зборови на одбраната.
Михаило Донев