Судот во Кочани ја чека одлуката на Апелациониот суд во Штип
Судот во Кочани ја чека одлуката на Апелациониот суд во Штип

арањето да се направи проценка дали основниот суд во Кочани со само петмина судии исполнува услови да го оценува обвинителниот акт за пожарот во ноќниот клуб „Пулс“ штипска апелација го испратила до вишото јавно обвинителство во Штип од каде ќе се чека повратен одговор, потврди за Алсат Тони Делев, претседателот на апелациониот суд во Штип.
Откако вишото јавно обвинителство ќе даде мислење, штипска апелација ќе треба да одлучи – дали обвинителниот акт ќе го оценува судот во Кочани или ќе таа задача ќе се додели на некој поголем суд. Делев вели дека постои и опција во кочанскиот суд да се делегираат судии кои ќе помогнат во оценувањето на обемниот обвинителен акт и за тоа истакнува дека се во координација со Врховниот суд и со Судскиот совет, но одлука се уште нема.
Првиот човек на судскиот совет Александар Камбовски за Алсат вели дека теоретски опцијата да се назначат нови судии во Кочани е возможна, меѓутоа истакнува дека се работи за суд во кој не е проблем само кадарот, туку и просторните капацитети кои се мали, па според него, најдобро ќе биде овој случај да се пресели во некој поголем суд, односно во Штип или во Скопје. Обвинение за причините за пожарот е поднесено против 34 физички и три правни лица, а на обвинетите ќе им се суди за тешки дела против општата безбедност, додека на едно лице за делото примање на поткуп и фалсификување документи. Истрагата на обвинителството заврши на 13 јуни, кога обвинителот Љупчо Коцевски ја извести јавноста дека првообвинети во случајот се сопственикот и менаџментот на ноќниот клуб „Пулс“.
Во трагедијата во која загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени обвинети се и поранешните министри за економија Крешник Бектеши и Валон Сарачини, екс секретарката Министерството за економија Размена Чекиќ Дуровиќ, петмина вработени во Министерството, тројца поранешни градоначалници на Кочани, а обвинение има и за четворица поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување.
Истрагата опфаќа и градежни инспектори од Кочани, како и директорот на агенцијата која го обезбедувала објектот и четворица вработени. Во меѓувреме, истрагата е прекината за 13 лица – едно лице починало, додека членот на музичката група ДНК, Владимир Блажевски, се наоѓа на лекување, а за останатите 11 лица истражните органи утврдиле дека нема доволно докази./Алсат.мк
Михаило Донев