
Новото раководство на КФСМ ја донесе и првата конкретна одлука со која планира да го крене квалитет на кошарката во Македонија – намалување на бројот на прволигаши почнувајќи од сезоната 2026/27.
Станува збор за тема за која многу се говореше и во изминатите години, но сега е повлечен конкретен чекор, најпрвин беше добиена поддршка од Здружението на Прволигаши, за на вчерашната седница тоа да биде изгласано и од страна на Управниот Одбор на КФСМ.
Практично, тоа значи дека сезоната што следи ќе биде последна во која ќе учествуваат 12 екипи, а веќе од 2026/27 во прволигашка конкуренција во мак-баскетот ќе се борат десет тима. Ова практично значи дека сезонава од елитното друштво ќе испаднат три екипи, додека промоција во елитата ќе има само шампионот на Втората лига во 2025/26, наместо двете најдобри второлигашки екипи како што тоа беше случај во минатото.
Кратењето на лигата е веќе завршена работа, а следна точка сигурно ќе биде одлуката околу бројот на странски кошаркари во тимовите за сезоната 2025/26.