
Кинескиот ѕид е една од највеличествените и најфасцинантни градби во светот. Делови од него и денес стојат гордо, а причината за неговата вековна постојаност не е само во каменот, туку и во необичен, но генијален состав: леплив ориз.
Градбата на Кинескиот ѕид започнала околу 220 година пр.н.е., за време на владеењето на првиот цар на обединета Кина, Цин Ши Хуанг. Но, најцврстите и најдобро сочувани делови од ѕидот биле изградени за време на династијата Минг (1368–1644). Тие делови и денес се најпознати и најпосетувани.
Иако често се замислува како еден непрекинат ѕид, Кинескиот ѕид е всушност составен од поврзани структури, тврдини, кули, порти, со големи празнини помеѓу нив. Според официјалните податоци на кинеските власти, ѕидот е долг околу 21.200 километри, но некои експерти тврдат дека реалната должина, односно тоа што сè уште постои, е околу 3.000 километри. Исто така, мит е дека ѕидот може да се види од Месечината.
Научниците утврдиле дека лепливиот ориз се користел како дел од цементната смеса што се употребувала при изградбата на Кинескиот ѕид. Особено деловите изградени во времето на династијата Минг содржеле мешавина од традиционален цемент и леплив ориз, што го направило ѕидот постабилен и поотпорен на оштетувања. Таа комбинација му дала компактност и цврстина која го надживеала времето.
Покрај импресивната архитектура, ѕидот крие и трагични приказни. За време на Културната револуција се поттикнувало неговото разградување, а материјалот бил користен за изградба на куќи. Дополнително, се смета дека околу 400.000 работници го загубиле животот при изградбата, а многу од нив биле погребани во неговите темели. Затоа, Кинескиот ѕид понекогаш се нарекува и „најдолгите гробишта на светот“.