Хајрулахи смета дека барањето за негово разрешување е без правна поддршка

Суспендираниот шеф на вишото скопско јавно обвинителство Мустафа Хајрулахи смета дека одлуката на јавното обвинителство да се поднесе барање за негово разрешување до Советот на јавни обвинители е тенденциозна и нема правна поддршка. Според Хајрулахи, зад оваа одлука се крие државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој наводно ја уценил обвинителката-известител во случајот против него да го донесе предлогот за тој да биде разрешен.
„Обвинителката Вјолца Елмази била принудена да донесе ваков предлог од страна на Коцевски, бидејќи истиот и се заканувал дека ако таа не донесе ваков предлог на неа ќе и поднесе дисциплинска постапка по однос на пропустот, односно за тоа што таа го сторила со нејзиниот предмет како јавен обвинител од Вишото обвинителство Гостивар“, вели Хајрулахи.
Обвинителството бара Хајрулахи да биде разрешен поради неправилности во начинот на заведување предмети и носење нестручни одлуки, а против него се води и постапка во обвинителството во Штип за кривично дело – малтертирање во службата. Хајрулахи негира вина и за ова дело, а денеска и самиот поднел кривична пријава против обвинителката Тања Кацарова која го води предметот.
„Кривичната пријава е поднесена за кривично дело фалсификување на јавна исправа, бидејќи истата заедно со записничарот од основното јавно обвинителство Штип направиле невидени фалсификати по однос на записниците. Сведоците не ни биле во Штип да дават исказ туку записниците се правени на памет, од причина што воочив дека едниот записник со другиот џаписник и со третиот и четвртиот се поклопуваат временски“, додава Хајрулахи.
Во меѓувреме, од Советот на јавни обвинители брифираат дека предлогот за разрешување на Хајрулахи е уште не е пристигнат до нив, додека од Обвинителството велат дека Дисциплинската комисија моментално изготвува истиот. Покрај за Хајрулахи, Обвинителството во петокот извести дека се утврдени тешки дисциплински грешки и од страна на вишиот јавен обвинител Јово Цветановски, кој несовесно постапил во четири предмети. За ова, Обвинителството на Цветановски му изрече дисциплинска мерка – намалување на платата за 30 проценти во период од шест месеци.
Михајло Донев