
„Би пиеле ли вие кафе од 3 евра овде на плоштадот во Охрид?
Заменик министерот за економија, Марјан Ристески, не одговори на прашањето на Алсат дали би пиел или не кафе во Охрид, кое достигнува цена и до 180 денари. Тој не беше информиран за ценовниот шок на кој охриѓани се сведоци секојдневно, но и туристите при нивниот престој во градот.Тој најави контрола на угостителските објекти веќе од наредната недела, во однос на цените.
„За посупешна туристичка сезона и директно за граѓаните на Охрид треба да имаат понормални цени, бидејки е почеток на летна сезона и треба тоа да го направат. Ако тоа не го направат, тогаш имаме разни мерки и можности да реагираме на тоа. Секаде каде што ќе видиме дека нема пазарна логика, ние ќе реагираме, но високите цени некогаш ги одвраќаат туристите. Тука треба да внимаваат и самите угостители, да имаат пригодни цени. Доколку имаат пригодни цени ќе имате поуспешна туристичка сезона“, вели Ристески.
А граѓаните велат цените на одредени услуги во Охрид се како да пиете кафе во Кан, Ница или Монте Карло.
„Превисоки се цените навистина.Многу високи се нема смисла ова, никаде го нема.Ние сме стари луѓе, имаме солидни пензии и двајцата и можам, но другите, младите кои не работат а сакаат да излезат. Внукот сака да излезе, а неможе секој ден да му се даваат пари“, реагираат граѓаните.
Граѓаните на социјалните мрежи постојано реагираат објавувајки ги високите сметки, кои ги добиле во некои од угостителските објекти во Охрид, каде цените и на храната и на пијалоците се како во некои од монденските летувалишта. Цената на шише сок и до 180 денари, домашно пиво и до 250денари. Цените на храната се движат од 400 денари па нагоре, пица од 400 до 600 денари, бургер од 290 до 450 денари. Инаку заменик министерот за економија денес од Охрид рече дека за сега не се планира ново ограничување на маржите на цените на производите, бидејки немало големо пореметување на цените. Наредната недела ќе се знае дали ќе има мерка поврзана со цените на одредено сезонско овошје.
Мики Трајковски