
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека веројатно ќе побара од Иран да ја прекине својата нуклеарна програма на разговорите следната недела, додавајќи дека благодарение на нападите на САД врз Иран, војната меѓу Израел и Техеран заврши брзо.
Трамп рече дека неговата одлука да употреби бомби за уништување бункери во нападот во неделата ја уништила нуклеарната програма на Иран, додавајќи дека тоа е „победа за сите“.
„Тоа беше тотално уништување“, рече тој, отфрлајќи ја првичната проценка на Агенцијата за одбранбено разузнавање на САД дека на Иран ќе му требаат само неколку недели за да ја обнови својата нуклеарна програма.
Трамп на самитот на НАТО во Хаг изјави дека не мисли дека Иран повторно ќе се обиде да развие нуклеарно оружје.
Иран со децении наназад ги негираше обвинувањата на западните лидери дека сака да произведува нуклеарно оружје.