ИЈЗ со препораки за заштита на повозрасните од топлото време

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) утрово објави јавноздравствени препораки за заштита на лицата над 65 години во услови на високи температури. Оттаму нагласуваат дека оваа група на луѓе се посклони кон здравствени проблеми поврзани со топлината. Потсетуваат дека согласно националните и меѓународните препораки, овие лица се категоризирани како таканаречена „ризична категорија“.
Се апелира повозрасните да избегнуваат изложување на сонце, како и работа на отворено, во периодот од 11 до 17 часот. Да носат лесна, светла и памучна облека, заштитни очила за сонце, капа со висок свод и широк обод и крем со УВ фактор 30+ при изложување на сонце. Да се пие повеќе од вообичаено и да не се чека додека не се почувствува жед за вода. Алкохолните пијалаци да се избегнуваат, како и оние што содржат кофеин, но и екстремно ладните. Доколку лекарот им има поставено некои ограничувања за внес на течности, да се консултираат со него.