Мицкоски: Ќе сториме сѐ што е во наша моќ за да ги почнеме преговорите со ЕУ, но тоа нема да го направиме како „модерни“ Македонци

Ќе сториме се што е во наша моќ да ги почнеме преговорите, но тоа нема да го направиме како модерни Македонци, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница, одговарајќи на пратеничко прашање поставено од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за тоа дали Владата има временска рамка до кога ќе се обидува да изнајде некаква промена на нашата преговарачката позица или постои можност целиот владин мандат да помине во барањето на подобрата позиција.
Мицкоски во својот одговор се осврна на повеќе аспекти на евроинтегративниот процес, а во однос на последните случувања во Европскиот парламент, околу извештајот на Томас Вајц, напомена дека во ЕП изминатите години не е донесен извештај, бидејќи како што, рече воопшто не станувало збор за македонски јазик и македонски идентитет, туку за „северномакедонски јазик и идентитет“.
-Тоа е сосема различно од сегашната состоба. Сега на три места има македонски јазик и македонски идентитет, предложен како амандман на европратеници, извештајот го помина првиот филтер во ЕП, во Комисијата за надворешна политика (АФЕТ). Тука бугарските претставници преку еден европратеник, кој излезе во името на неколку групи, вклучително и нашата ЕНП, вашата ПЕС, либералите Ренју и зелени и рече да го модифицираме македонскиот идентитет и македонскиот јазик со зборчето „модерен“. Суштината не е Бугари во Уставот и трите нови етнички заедници, кои би ги додале, туку да создадеме нов топоним, „модерен“ македонски јазик на „модерни“ Македонци, кои се дел од „модерниот“ македонски идентитет и тоа е суштината на францускиот предлог, истакна Мицкоски во одговорот до Филипче и рече оти жали што тоа тие не го согледале, иако во минатото ги предупредувале.