ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Се уште нема партиски консензус за измените на Изборниот законик

Сè уште нема договор околу тоа што ќе се случи со измените на Изборниот законик, кои се заглавени во Собранието, а се однесуваат на регулирање на прагот на потписи за независните кандидатури и некои од препораките на ОДИХР.

Advertisements

Владата беше принудена да предложи измени, откако Уставниот суд оцени дека поставениот праг за потребните потписи за независните кандидати е превисок. Властите сега предлагаат прагот да се движи од 100 до 3.500 потписи, зависно од бројот на регистрирани гласачи во општината. Дел од експертите сметаат дека прагот и понатаму останува многу висок.

Европскиот Фронт и Левица велат дека предлозите се доставени без консензус и тие ги отфрлаат. Несогласувањата оставаат правен вакуум кој може да има сериозни последици врз изборниот процес и кандидатурите на независните.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска изјави дека темата ја отворил во координација со пратеничките групи и дека ќе побара повторна расправа.

„Се очекува овој закон да биде усвоен. Ако не се усвои, има опција и да се повлече, и да се седне и разговара така што сите страни да бидат задоволни. Апелирам и би сакал да одиме на избори без поплаки од кој било граѓанин и без некој да се чувствува дека му е направена неправда во трката за градоначалник или советник во некоја одредена општина“, рече Гаши.

Во однос на парламентарните избори, Гаши на редовниот брифинг со новинарите одговори и за состојбата во рамки на коалицијата ВЛЕН. Тој рече дека гласините за несогласувања не се точни.

„Со голема одговорност ви кажувам дека односите во коалицијата ВЛЕН се одлични. Работиме во многу позитивна атмосфера, се подготвуваме за локалните избори и убеден сум дека тоа ќе има многу позитивен ефект. Сè што се зборува надвор од ова е дел од дневната политика, спинови и дневни импровизации на политички партии и различни луѓе на социјалните мрежи кои сакаат да го одвлечат вниманието од клучните настани во земјата“, додаде Гаши.

Локалните избори се очекува да бидат распишани на крајот на јули или почетокот на август, а да се одржат во октомври.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button