
Меѓународен тим научници лоцираше повеќе од 1.000 контејнери за нуклеарен отпад фрлени во северниот Атлантик пред неколку децении, изјави денеска портпаролот на францускиот истражувачки центар CNRS.
Во средината на јуни, научниците отпловија од пристаништето Брест со бродот „Л’Атланте“ за да го пребараат западниот Атлантик, а за време на четиринеделната експедиција да ги пронајдат локациите на нуклеарен отпад и да го утврдат влијанието врз екосистемот.
Различни земји фрлале нуклеарен отпад во овие води помеѓу 1950 и 1990 година. Длабочината на морето и оддалеченоста од копното и човековата активност се сметале за идеални услови за отстранување на индустриски и лабораториски отпад во област на Атлантикот каде што морското дно изгледало, ако ништо друго, геолошки стабилно.
Фрлањето нуклеарен отпад во море било забрането во 1993 година, но дотогаш најмалку 200.000 контејнери биле фрлени во водите на северниот Атлантик. Точната локација сè уште е непозната, состојбата на контејнерите е непозната и не е познато дали биле едноставно расфрлани наоколу или фрлени на куп. Тим од 21 член ја пребарува областа, за која се смета дека содржи половина од отпадот, а целта на истражувачите е да ги мапираат контејнерите и да земат примероци од водата, морското дно и морската фауна. Контејнерите со отпадот, на длабочина помеѓу 3.000 и 5.000 метри.
Во оваа задача, им помага автономното подводно возило UlyX со 3Д камера и сонарен систем.
Патрик Шардон, раководител на проектот за мониторинг на локациите за нуклеарен отпад во океанот (NODSSUM), верува дека радиоактивноста од поголемиот дел од отпадот ќе исчезне по 400 години.
Контејнерите се дизајнирани да го издржат притисокот на таа длабочина, но не можат целосно да го спречат зрачењето што можеби протекувало во меѓувреме, рече Шардон.