Владата кривично ќе ги гони ексдиректорот на Државниот завод за статистика Апостол Симоски и неговиот тогашен заменик Илми Селами
Владата кривично ќе ги гони ексдиректорот на Државниот завод за статистика Апостол Симоски и неговиот тогашен заменик Илми Селами

Владата ќе бара кривична одговорност од ексдиректорот на Државниот завод за статистика Апостол Симоски и неговиот тогашен заменик Илми Селами откако Уставен вчера одлучи дека за време на пописот од 2021 година граѓаните спротивно на Уставот биле поделени на „резидентно“ и „нерезидентно“ население. Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи обвини дека ДУИ преку заменик-директорот во заводот за статистика ја спровел својата идеја за неуставно вметнување на овие две категории со цел да се прикаже дека има помалку Албанци во земјава отколку што тоа е во реалноста, а во замена за тоа, на Селами му било ветено амбасадорско место.
“За оваа услуга која ја направи, беше награден со ветување да стане амбасадор, ние го спречивме тој предлог од ДУИ како нова влада, од почеток на владеењето, и истиот ќе треба да даде отчет за кршење на законот и уставот. Очекуваме коментари од истражните органи за неговата кривична одговорност”, рече Арбен Фетаи, вицепремиер за добро владеење.
Премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на оваа тема рече дека политичката одговорност за спроведувањето на пописот ја однело претходната коалиција во опозиција, додека допрва ќе треба да се провери дали има основи и за кривична одговорност. Иако го побаравме поранешниот заменик Илми Селами не одговори на нашите повици и пораки, додека ексдиректорот Апостол Симоски во краток телефонски разговор рече дека во овој момент не сака да ја коментира одлуката на Уставен, но дека наскоро јавно ќе го каже својот став. Во периодот пак кога Уставен одлучи да поведе иницијатива по ова прашање, Симоски во интервју за Алсат го бранеше вметнувањето на овие категории, тврдејќи дека уставот не е прекршен и дека институцијата само ги почитувала правилниците на конвенциите на кои сме потписници.
„Ние сме обврзани како членка на Обединетите Нации да го почитуваме она што е пропишано во рамките на оваа организација, значи сме должни, сите тие конвеции имаат статус на закон во оваа држава и тие мораат да бидат почитувани. Со ништо ние не го прекршивме уставот. Ова не е операција којашто е врзана само за една земја, ова е операција којашто е врзана за стие земји во светот и сите мораат тие стандарди да ги почитуваат. Тоа се правила, ако во тој документ се викаат препораки, така е крстен документот, меѓутоа тоа се задолжителни„, рече Апостол Симоски, ексдиректор на државен завод за статистика.
За тоа пак дали Симоски и Селами ќе бидат кривично гонети ќе се знае допрва, бидејќи од Обвинителството ни одговорија дека се уште официјално ја немаат добиено одлуката од Уставен, а до нив нема стигнато ниту пријава против поранешните прво луѓе на Државниот завод за статистика./Алсат.мк
Михаило Донев