ВЛЕН ја обвинува ДУИ за предавство за време на процесот на пописот на населението
ВЛЕН ја обвинува ДУИ за предавство за време на процесот на пописот на населението

Пописот од 2021 година не беше неуспех, туку однапред испланирано предавство, спроведено по наредба од врвот, со послушници во секоја институција. Со ова, ВЛЕН упати обвинувања кон ДУИ за пописот на населението, за кој Уставниот суд донесе одлука пред два дена. Билал Касами вели дека треба да има одговорност за бришењето на повеќе од 200 илјади Албанци.
„Дали ова е цената што Албанците ја платија за ‘Соравија’ и лотаријата? Секако дека треба да има одговорност за бришењето на повеќе од двесте илјади Албанци од последниот попис… Додека ДУИ го направи овој дискриминациски чекор што Албанците не го прифатија ниту во 2001, ниту во 2011, и никогаш не го прифатиле, тогаш ние го поставуваме прашањето – која беше цената што ја платија Албанците, за ДУИ да го направи ова на нивна сметка, за лични интереси и збогатување на раководството на ДУИ“, рече Билал Касами, ВЛЕН.
Блерим Сејдиу, од друга страна, денеска презентираше бројки од пописот што покажуваат како од последниот попис, во многу албански населени места има повеќе избирачи отколку жители.
„Нашата дијаспора, која ја одржуваше економијата на оваа земја со децении, беше третирана како невидлива, статистички безвредна, како проблем што треба да се избегне. А зошто? Затоа што дијаспората не можеше да се контролира од страна на ДУИ. Не можеше да се заплаши, не можеше да се купат нејзините гласови, не можеше да се манипулира. Јавно прашуваме: Како е можно во Мала Речица пописот да изброи само 1.653 Албанци над 18 години, а на последните избори да има над 2.400 гласови само за албанските партии? Како е можно во село Желино да има 3.432 жители, а 4.103 избирачи? Како е можно во село Стримница да има 1.937 регистрирани жители, а 2.644 избирачи? И оваа состојба продолжува и во многу други села“, нагласи Блерим Сејдиу, ВЛЕН.
Во меѓувреме, и два дена по одлуката на Уставниот суд со која се укинаа одредби од Методологијата што ги делеше граѓаните на „резиденти“ и „нерезиденти“, молк во партијата на Ахмети. Со одлуката на Уставниот суд се утврдува дека тогашниот директор на Заводот за статистика, ги злоупотребил своите овластувања. Одговорноста во овој случај е и на заменик-директорот кадар на ДУИ, бидејќи резултатите од пописот, методологијата, но и другите акти биле изработени со споен или двоен потпис./Алсат.мк