Истекуваат 90 дена: Кој не постигне договор, ќе плаќа царини!

Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата изјави дека не планира да ја продолжи 90-дневната пауза за воведување царини за повеќето земји по 9 јули, кога истекува неговиот рок за преговори, и дека неговата администрација ќе ги извести земјите дека трговските казни ќе стапат на сила доколку не се постигне договор.
Трамп изјави за Фокс њуз дека известувањата за воведување царини за земјите што нема да постигнат договор ќе почнат да се испраќаат „прилично брзо“ како што се приближува рокот за преговори, пренесува АП.
„Ќе видиме како земјата се однесува кон нас, дали се однесува добро или не толку добро кон нас. Некои земји не не интересираат, само ќе испратиме голем број писма“, рече Трамп.
Во тие писма, како што рече Трамп, ќе биде наведено – „честитки, ви дозволуваме да купувате во Соединетите Американски Држави, ќе плаќате царини од 25, или 35, или 50, или 10 проценти“.
Трамп истакна дека преговорите за царините ќе продолжат, но дека „има 200 земји“ и дека „не можете да разговарате со сите“.