Еврокомесарката Кос и лидерите на земјите од Западен Балкан ќе дискутираат за Планот за раст

Денеска во Скопје ќе се одржи официјалниот дел од лидерскиот самит на Европската Унија и земјите од Западен Балкан посветен на Планот за раст.
Самитот, како што се наведува, ќе биде можност за евалуација на постигнатиот напредок и дефинирање на следните чекори за зајакнување на европската интеграција на регионот.
На настанот, чиј домаќин е премиерот Христијан Мицкоски, учествуваат еврокомесарката за проширување и добрососедска политика Марта Кос и лидерите од Западен Балкан, како и министри, високи претставници од Европската унија, регионални организации и меѓународни институции.
Во рамки на лидерската средба планирано е да се одржат два панела од кои првиот ќе биде посветен на Планот за раст на Западен Балкан и на него ќе се обратат премиерот Мицкоски и еврокомесарката за проширување, по што ќе следи заедничка прес-конференција.
Вториот панел ќе биде посветен на конкретните механизми и поддршка за спроведување на Планот за раст.
Премиерот Мицкоски и еврокомесарката за проширување Кос вчера во Владата одржаа тет-а-тет. На неа македонскиот премиер, како што соопштија од Илинденска број 2, ја истакнал определбата на Владата за достоинствена интеграција на земјава во Еевропската Унија, преку спроведување на суштински реформи во клучните области.