ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мицкоски не се согласува со наводите за зголемено српско влијание во земјава

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека не го разгледал извештајот на Европскиот Парламент во кој известувачот за Македонија Томас Вајц, изразува загриженост за зголемено српско влијание во земјава. Во извештајот се наведува дури и дека Македонија е дел од „српски свет“, националистичка идеологија која има за цел да го зголеми влијанието на Белград, но Мицкоски не се согласува со таа констатација и вели дека реалноста во пракса по доаѓањето на оваа влада е поинаква.

Advertisements

„Отфрлам таква констатација и не верувам дека тоа е содржано во некаков официјален извештај на Европската Унија бидејќи би било многу наивно. И од оние контакти кои што јас ги имам со претставници на ЕУ, барем откако е оваа влада, не само што немаме никаква допирна точка, со таква констатација, туку напротив, ако некогаш во времето постоење онаа иницијатива Опен Балкан, барем откако е оваа влада, такво нешто нема, бидејќи се изгуби смислата на сето тоа од она што можам јас да го видам“, рече Мицкоски.

Иако Мицкоски негира, извештајот е објавен на 26 јуни, а во точка 80 известувачот Вајц пишува дека Европскиот парламент изразува загриженост за таканаречениот концепт „српски свет“ кој бил застапуван и промовиран токму од страна на претставници на владата. Вајц тврди дека на овој начин, преку Србија, но и преку Унгарија, Македонија е под силно влијание на руската и кинеската политика. Според Вајц, постојат наоди дека руската држава ги користела претставниците на српските медиуми за ширење непријателски наративи кон НАТО, тврдејќи дека ЕУ врши притисок врз Македонија да се откаже од својот идентитет.

Иако е докажано дека кинеските дипломатски субјекти финансирале пропаганда во македонските медиуми, Унгарија се споменува и како актер во синџирот на држави кои работат на унапредување на геополитичките цели на Москва и Пекинг, станувајќи дел од дезинформациски кампањи, хибридни закани, но и стратешка корупција. Вајц во извештајот нагласува дека Македонија неодамна добила заем од 500 милиони евра од Унгарија, додека потеклото на парите се чини дека е од Кина. Извештајот на Вајц за Северна Македонија се очекува да биде разгледан на пленарна седница на 8 јули.

Михаило Донев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button