ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Охрид и Струга оваа сезона бележат бројни сообраќајни незгоди

Почетокот на туристичката сезона во Охрид и Струга бележи бројни сообраќајни незгоди некои дури и со фатални последици. Од болниците во регионот велат дека имаат зголемен обем на работа и оти речиси секојдневно кај нив доаѓаат пациенти некои и со тешки повреди. Во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија, само во текот на месец јуни, примени се 19 пациенти со повреди здобиени во сообраќајни несреќи, од кои 8 со потешки повреди врз кои е извршен хируршки зафат.

Advertisements

„Посебно во ваква институција каде што се третираат трауматолошки пациенти кај пациентите, како што се зголемува сезоната така се зголемува и бројот на третирани пациенти. Процентуално кажано кога се зголемува бројот на сообраќајни незгоди се зголемува и сериозноста на повредените пациенти. Така да добар дел од нив се и сериозно повредени со тешки телесни повреди, кои што бараат потоа оперативно лекување“, рече Хари Шокароски-директор на Специјална болница за ортопедија и трауматологија.

Само во еден ден при полициска контрола, било утврдено дека  55 од  87 контролирани автомобили, биле управувани со брзина поголема од дозволената. Во текот на јуни, само во Охрид се случиле 35 сообраќајни незгоди. Повредени се 30 лица, 10 со тешки телесни повреди и 20 со полесни повреди, додека едно лице го загуби животот.

„Кога станува збор за репресивниот дел СВР Охрид од почетокот на оваа година заклучно до месец мај има поднесено околу 3000 прекршочни платни налози, кон сторители и кон возачи кои ги прекршиле одредбите од Законот за патниот сообраќај како и 7 кривични пријави за предизвикување на сообраќајни незгоди со тешки телесни повреди или со жртви кон 7 возачи“, рече Стефан Димоски-портпарол на СВР Охрид.

Минатата недела, автомобил, управуван од 22 годишно момче без возачка дозвола, движејќи се со голема брзина усмрти 42 годишна жена движејќи се по тротоар, а друг пешак се здоби со тешки повреди. Возилото било во сопственост на 19 годишно лице од Охрид. И двајцата се во 30 дневен притвор. Од полицијата апелираат граѓаните внимателно да ги управуваат своите возила кон и во Охрид и Струга, поради зголемена фрекветност во сообраќајот во регионот.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button